Pages

3. Основни поими од информатиката


  • информатика
  • податок
  • информација

Информатика е наука која го проучува:
- прибирањето, 
- чувањето и 
- обработката 
на податоците и информациите со помош на компјутерите. 

Информатиката е млада наука, брзо се развива и има големо влијание врз развојот и откритијата на сите останати науки.
Зборот „информатика“ настанал со спој на зборовите „информација“ и „автоматика“ на следниот начин:


  ИНФОРмација + автоМАТИКА = ИНФОРМАТИКА.
 
Во секојдневниот живот зборот податок и информација често имаат исто значење. Но, во информатиката и другите науки постои разлика помеѓу значењето на овие два збора (податок ≠ информација).


Податоци се:
- знаци, 
- броеви, 
- зборови, 
- текстови,
- слики, 
- звуци и 
- слично. 
Сами, неповрзани меѓу себе немаат значење или смисла.

Бројот 9567342 сам по себе не ни значи ништо. Може да биде број на листови на едно дрво, број на зрна ориз во едно купче итн. Но, овој податок поврзан со податоците телефонски број и име на некое училиште претставува информација.


Информацијта се добива со логично поврзување на податоците .
Информациите му овозможуваат на човекот да дознае и разбере што се случува, да донесе некоја одлука или да преземе некоја активност.
 
Работа со податоци и информации
Речиси во секоја професија и на секое работно место луѓето прибираат и обработуваат најразлични податоци за да добијат одредени информации. 
На пример, во банките се работи со податоци за штедачите (лични податоци, вложени и подигнати пари и слично), во продавниците се работи со податоци за производите (име, шифра, количина, цена), во училиштата се работи со податоци за учениците (име и презиме, дата на раѓање, успех) итн.

Работата со податоците и нивното чување е многу важна и одговорна работа.


На многу работни места задачата за собирање, чување и обработка на податоците му е доверена на компјутерот. Тој работи брзо,прецизно и со многу голем број на податоци. 


Обработката на податоците претставува низа дејства на податоците со цел да се добие информација. Кога треба многу податоци да се обработат колку што е можно побрзо, се користат машини кои ги обработуваат податоците самостојно, без учество на човекот. Таквата обработка ја нарекуваме автоматска обработка на податоците.



КОМПЈУТЕР
Уредите кои се направени од електронски делови кои се многу мали и кои работат на слаба струја се викаат електронски уреди.
Компјутерот е електронски уред наменет за внесување, чување и обработка на податоци кои му се потребни на човекот. Зборот компјутер доаѓа од англискиот збор “to compute“ што значи смета, пресметува и затоа го викаат и сметач.

Сите електронски уреди кои обработуваат податоци запишани со броеви се нарекуваат дигитални уреди. 
Компјутерот е дигитален уред бидејќи податоците кои го обработува ги претвора во бинарни броеви (0  и 1).

Picture


Електронските уреди кои ги обработуваат податоците според упатства запишани во програма се викаат програмибилни уреди.


Компјутерот е автоматски уред затоа што сите потребни обработки според упатствата во програмата ги извршува самостојно.