ПОТРЕБАТА ОД ПРАВИЛА НА ОДНЕСУВАЊЕ
Во секојдневниот живот, луѓето постојано се наоѓаат во ситуации при кои користат исти простории, делат заеднички предмети или имаат потреба да слушаат и гледаат исти случувања
заедно со други луѓе.
Ова се случува во продавниците, во библиотеките, во рестораните, на автобуските станици, во кино салите, во училиштата, па и во домовите. За секој човек да го направи, научи, види, прочита, слушне или добие она што го сака, потребно е културно однесување на секој од нас.
Културното однесување подразбира почитување на правила на однесување за одредено место или почитување на правила за користење на заеднички предмети и уреди.
Кога не се почитуваат правилата многу често се случува некој да не го добие она што му е потребно, да биде повреден или навреден или да бидат уништени предмети и уреди кои се заеднички. Некои правила се напишани и истакнати на видни места, а некои не се напишани, но се исто толку важни како и напишаните.
Компјутерската етика претставува збир на правила кои ги подучуваат луѓето како да се однесуваат коректно кога користат компјутер.
Компјутерската етика претставува збир на правила кои ги подучуваат луѓето како да се однесуваат коректно кога користат компјутер.
Едно од најважните правила кое луѓето треба да го почитуваат е правото на секој човек на сопственост и приватност.
А сега размисли, одговори и објасни:
• Дали е убаво да се уништуваат туѓи предмети?
• Дали е правилно да се читаат или кинат туѓи писма, дневници, споменари?
• Дали сакаш тебе тоа да ти се случува?
• Дали сакаш во библиотека да ја пронајдеш книгата која ти е потребна и која некој што ја
позајмил требало да ја врати?
Сигурно можеш да наброиш голем број вакви примери.
ПРАВИЛА НА ОДНЕСУВАЊЕ ВО КОМПЈУТЕРСКА УЧИЛНИЦА
1. ПРЕД ДА ВЛЕЗЕШ ВО УЧИЛНИЦА ПОЧЕКАЈ ДА ИЗЛЕЗЕ И ПОСЛЕДНИОТ УЧЕНИК ОД ПРЕТХОДНОТО ОДДЕЛЕНИЕ.
2. ВЛЕЗИ ТИВКО И БЕЗ ТРЧАЊЕ.
3. ОСТАВИ ГО РАНЕЦОТ, ЈАКНАТА И ОСТАНАТИТЕ ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ НА ОДРЕДЕНОТО МЕСТО.
4. СЕДНИ НА СВОЕТО ОДРЕДЕНО МЕСТО.
5. ЧЕКАЈ ИНСТРУКЦИИ ЗА РАБОТА.
6. НЕ ЈАДИ, НЕ ПИЈ И НЕ ФРЛАЈ ЃУБРЕ ВО УЧИЛНИЦАТА.
7. КОМПЈУТЕРОТ НЕ Е ТВОЈ ЛИЧЕН КОМПЈУТЕР И ЗАТОА:
• не ја менувај подлогата на оперативниот систем,
• не активирај програми - чувари на екранот со лични пораки,
• не симнувај од Интернет програми, слики и видео клипови на училишниот компјутер или на свој мемориски уред без дозвола,
• не се најавувај во компјутерот и програмите со туѓо корисничко име или лозинка. Тоа се лични податоци, не треба да ги кажуваш своите и да се обидуваш да ги дознаеш и злоупотребиш туѓите – почитувај го правото на сопственост и приватност,
• не бриши и не разместувај фолдери и фајлови кои не се твои,
• она што го работиш на часот снимај го во договорен фолдер,
• за сè што не ти е јасно и познато во текот на работата прашај го наставникот.
8. НЕ ГИ РАЗМЕСТУВАЈ КОМПЈУТЕРОТ И МОНИТОРОТ ПО МАСАТА.
9. ПРЕД КРАЈОТ НА ЧАСОТ ЗАТВОРИ ГИ СИТЕ ПРОГРАМИ СО КОИ СИ РАБОТЕЛ.
10. СВОЕТО СТОЛЧЕ ПРИБЛИЖИ ГО ДО КЛУПАТА.
11. ИЗЛЕЗИ ТИВКО И БЕЗ ТРЧАЊЕ.
Правилата треба да ги почитуваат СИТЕ кои ја користат училницата со компјутери