Pages

33. Процесот на изработка на компјутерска програма

Изработката на компјутерска програма се одвива во следните фази:
1. Aнализа на проблемската ситуација и разгледување можни решенија.

2. Aлгоритамско претставување на чекорите за можното решение на
проблемската ситуација.

3. Kодирање на алгоритамот.
Запишување на алгоритамот како низа од инструкции во избран програмски јазик. Вака
запишаниот алгоритам претставува програмски код кој се вика изворна програма.

4. Преведување на изворната програма во извршна програма.
Изворната програма не е разбирлива за компјутерот. Таа мора да се преведе во
машински јазик (во кој инструкциите се запишуваат со 1 и 0) за да биде разбрана и
извршена од процесорот. Изворната програма преведена на машински јазик се вика
извршна програма.
За преведување на изворната програма во извршна програма се користат програми
преведувачи кои во зависност од начинот на преведување може да бидат компајлери
(најчесто) и интерпретери.

5. Корекција на грешки (синтаксни, логички).
Преведувањето на изворната во извршна програма ретко кога е без грешки.
Програмата преведувач го алармира програмерот за направените грешки во изворната
програма кои мора да бидат поправени за инструкциите да можат да се преведат во
машински јазик.
Синтаксните грешки се однесуваат на неправилно напишани зборови од
програмскиотјазик, неправилно користени или испуштени интерпукциски знаци и сл. и
најчесто се поправаат при преведувањето на изворната програма со помош на
преведувачот.
Логичките грешки треба да ги открие и поправи програмерот при тестирањето на
извршната програма. Логичките грешки обично се викаат багови (bugs) и за нивно
откривање се користи програма дебагер која овозможува извршување на програмата
линија по линија и стопирање на нејзиното извршување на одредено „сомнително“
место.
По корекција на грешките програмата повторно се преведува. Овие чекори се
повторуваат сѐ додека програмата има грешки и завршува кога програмерот е
задоволен од резултатите на тестирањето.
Пример за синтаксна и логичка грешка
Ова е равенка за периметар на правоаголник ако се познати неговите страни:
L=2*(а-b
Синтаксна грешка - недостасува заграда на крајот од изразот.
Логичка грешка - формулата не е точна иако по ставање на заградата на крајот е
правилно запишана.
a=5
b=”Maja”
c= b-a
Логичка грешка - b е текст и не може да биде намаленик.

6. Тестирање на програмата.
Тестирањето се прави од страна на програмерот или корисниците за кои е наменета
програмата. Програмата мора да работи правилно за различни вредности кои ги

внесува корисникот или да оневозможи погрешно внесување вредности во програмата
преку пораки и сл. до корисникот.
Пример за тестирање
Како би можело да изгледа тестирање на едноставна програма која дели два внесени
броја од корисникот и го прикажува резултатот:
Тест 1: Корисникот внесува нула како делител
Тест 2: Корисникот внесува текст наместо број и сл.
Тест 3: Корисникот внесува само еден број
Бидејќи делење со нула не е дозволено и делењето е операција која работи со броеви,
програмата треба да има соодветно решение за овие случаи преку испишување порака
до корисникот, враќање на повторни внесување и сл.
По успешното поминување на сите фази од процесот може да се каже дека програмата
е готова и работи правилно.

Вежби:
1. Спореди: скица за нова куќа, проект на куќата од архитект според скицата, изградба
на куќата од градежна фирма според проектот на архитектот со: алгоритам, изворна и
извршна програма.
2. Пронајди каде има синтаксички, а каде логички грешки во следните реченици:
- Ќе одам во супермаркет да купам леб млеко кафе
- Вчера ќе одам во парк да возам велосипед.
- Утр ќе одам парк да возам веосипед
3. Како би тестирал програма која пресметува катета на правоаголен триаголник ако
корисникот внесува вредности прво за втората катета, а потоа за хипотенузата?
(Хипотенузата мора да биде поголема од катетата, вредностите треба да бидат само
позитивни и различни од нула и сл.)