Процесот
на пишување на програма е програмирање. За да изврши одредена работа,
потребно е на компјутерот да му се зададе команда, со која се активира и
извршува соодветна програма. Програмата се внесува од надворешната во
внатрешната меморија и се извршува наредба по наредба. Целокупната работа на
компјутерот се одвива под контрола на програмите сместени во внатрешната
меморија.
Податочна структура претставува начинот на кој се организирани податоците во компјутерската меморија, со цел поефикасно пристапување до нив од страна на нашите програми.
Поврзана листа претставува податочна структура која овозможува додавање на елементи на било која позиција во листата (вклучувајќи го почетокот и крајот на листата, но и било каде во средина), како и бришење на елементи на произволна позиција. Но, поврзаните листи не овозможуваат брз и ефикасен пристап до елемент на произволна позиција.
Кај поврзаните листи, покрај самите елементи, постои и врска од секој елемент до неговиот следбеник во листата, а кај двојно-поврзаните листи често и до неговиот претходник.
Ред е податочна структура која го следи редоследот по кој елементите се додаваат, и ни овозможува внесување на елементи, но и вадење на истите по редоследот по коj се внесувани. Оваа податочна структура го имплементира т.н. принцип "прв влегува, прв излегува".
На пример: повеќе лица чекаат за доаѓање до шалтер. Во овој случај, податочната структура ред е одличен начин за следење на ситуацијата, бидејќи таа овозможува внесување елементи (кога одредено лице влегува во банката), одредување кое лице треба следно да дојде до шалтерот, и бришење на елементи (кога одредено лице ќе заврши со работа).
Стек е структура која го следи редоследот по кој се додаваат елементите, но таа го решава спротивниот проблем од оној кој го решаваа редовите. Имено, за стек велиме дека го имплементира т.н. принцип "прв влегува, последен излегува".
На пример, да замислиме дека повеќе чинии се наредени една врз друга. Во овој случај, можеме да додаваме нови елементи на врвот - врз другите чинии, но кога ги вадиме истите, почнуваме повторно од врвот - па најпрвин ќе ја извадиме чинијата која што е на врвот (таа што е додадена последна), итн.
⟹⟹⟹Логички натпреварувачки задачи со Податочни структури